Изминатиов викенд по лошо ќе го паметат браќата Симоне и Филипо Инѕаги.
Помладиот брат Симоне, кој е тренер на Интер, претрпе болен пораз од Милан во градското дерби и им дозволи на Милан и Наполи да му се доближат во трката за титулата, додека постариот Филипо беше отпуштен од второлигашот Бреша.
Интер во следното коло му гостува на Наполи во уште еден многу важен дуел за Скудетото. Инѕаги се жалеше дека поразот е неправеден.
Само 24 часа откако Симоне загуби градско дерби од конкурент за титулата, неговиот брат беше избркан од Бреша. Бреша завчера одигра 0-0 на гостувањето кај Козенца и управата вчера реши да му врачи отказ на популарниот Пипо, иако Бреша е трета на табелата во Серија Б само со два бода помалку од првиот Лече.