Серхио Рамос и Даниел Карвахал во судиското продолжение на гостувањето кај Атлетик Билбао добија жолти картони, а тоа значи нивна суспензија и забрана за настап на дуелот против Алавес закажан за в петок вечерта, во Мадрид. Реал и без овие двајца незаменливи стартери ќе важи за фаворит на хартија, но нивното отсуство е голем проблем за тренерот Зинедин Зидан.
Присуството на Рамос и неговите реализации на клучни пенали под притисок се нешто што капитенот го прави лидер на Реал, па против Алавес ќе мора да се снаоѓаат без него. Ако се знае дека Начо и Варан се повредени, остануваат Милитао и младиот Хави Ернандес како единствени сосема здрави централни дефанзивци. Доколку Варан ја санира повредата на вратот и може да игра, тогаш тој и Милитао ќе го сочинуваат стоперскиот тандем в петок.
Уште понезгоден е проблемот на позицијата десен бек. Реал нема природна замена за Карвахал. Начо, кој може да игра како бек е повреден, па опциите меѓу кои ќе треба да одлучува Зидан е дали на позицијата десен бек ќе играат левиот бек Менди или пак Лукас Васкес, кој е крило, но некогаш по потреба може да игра и поповлечено како бек.
Кралскиот клуб, кој се бори за титула, има право на еден кикс, но за него не би било добро ако не ги освои трите бода против Алавес бидејќи во последните три кола сè е можно да се случи.