Лотар Матеус осум години чекаше за ангажман, па реши да се повлече

Легендарниот германски фудбалер Лотар Матеус, реши повеќе да не се пробува во тренерската професија. Последен ангажман му беше во репрезентацијата на Бугарија каде една година работеше како селектор во 2011 година, а веќе осум години нема најдено средина која му одговара, па ова беше логичен потег да стави крај на кратката тренерска кариера.

Покрај Бугарија, Матеус беше селектор и на Унгарија, а беше тренер на бразилски Атлетико Параненсе, Ред Бул Салбург, Mакаби Нетања и белградски Партизан. Германецот успеа да го одведе Партизан во групната фаза од Лигата на шампионите во сезоната 2003/04, што за „црно-белите“ значеше прв пласман во нивната историја откако најелитното евопрско натпреварување се игра во овој формат.

„Одбив неколку понуди, некои не беа доволно добри. Имав убава авантура како фудбалер, но не и како тренер. Единствено ми е жал што не добив шанса да водам екипа во Бундеслигата. Откако ја напуштив Бугарија имав различни интересирања во врска со фудбалот. Одамна не сум работел како тренер, таа приказна за мене е завршена“, истакна Матеус, кој моментално работи како аналитирач за германската телевизија „Скај“.

Како фудбалер, Матеус беше шампион на Европа и светот со репрезентацијата на Германија, додека успешно ги бранеше боите на Баерн Минхен, Интер и Борусија Менхенгладбах.

- Оглас -

Најнови вести