Лучано Спалети ќе биде новиот селектор на Италија, пречка е само една клаузула

Фудбалската федерација на Италија неочекувано се најде во проблем пред септемвриските мечеви со Македонија и Украина откако селекторот Роберто Манчини си поднесе оставка, па мора брзо да реагираат и да најдат негов наследник.

Според италијанските медиуми, изборот паднал на Лучано Спалети, 64-годишниот стручњак кој минатата сезона со Наполи ја освои титулата во Серија А. Спалети 30 години работи како тренер, а никогаш не бил селектор и го прифатил предизвикот. Покрај тоа, му одговара да биде селектор затоа што живее блиску до тренинг-центарот на Аѕурите во Коверчано, а како селектор ќе има и доволно време за одмор и да биде со семејството, нешто што е невозможно ако работи во клуб.

Но, има и една пречка тој да стане селектор. Во неговиот договор со Наполи има клаузула дека мора да се платат 3 милиони евра отштета ако сака да стане тренер некаде на друго место пред 2024 година.

Денеска треба да има состанок меѓу Антонио Гравина и Аурелио де Лаурентис, на кој првиот човек на Италијанската федерација ќе го убедува претседателот на Наполи да постапи патриотски и да не ги бара тие 3 милиони евра.

Ако Де Лаурентис не попушти и му ја расипе работата на Спалети, тогаш најверојатно нов селектор на Италија ќе биде Антонио Конте, кој работеше како селектор од 2014 до 2016 година.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести