Европската ракометна федерација се чини дека не знае што да прави со неодиграниот реванш-меч од финалето на Европскиот куп, па се одлучи да покрене дисциплинска постапка против двете екипи, и против Алкалоид и против АЕК.
Наместо да донесе логична одлука и да го додели трофејот на Алкалоид, ЕХФ сега ќе собира докази.
„Европската ракометна федерација во вторникот ги предаде сите релевантни информации што ги поседува на своите правни тела и побара иницирање на правна постапка против клубовите РК Алкалоид и АЕК Атина.
Овој чекор беше преземен откако реванш-натпреварот од финалето на ЕХФ Европскиот куп за мажи меѓу двата клуба во неделата, на 25 мај, беше откажан.
Информациите што ЕХФ ги достави до правните тела, меѓу другото, се однесуваат на распределбата на билети за гостинските навивачи од страна на РК Алкалоид во пресрет на натпреварот, како и на одбивањето на АЕК Атина да излезе на теренот за почетокот на натпреварот.
Од двата клуба е побарано да достават свои изјави, односно информации од нивна страна кои ќе бидат разгледани од правните тела.
Дополнителни информации ќе бидат објавени дури по донесувањето правна одлука“, се вели во соопштението објавено на сајтот на ЕХФ.