Франција ќе игра против Хрватска во полуфиналето на Светското ракометно првенство откако во неверојатно драматичен меч со 34:33 го победи Египет. Победникот беше решен буквално на 0,3 секунди до крајот, кога Лука Карабатиќ со шут од половина терен даде гол за победа на Галските петли.
Франција добро започна и поведе со 4:1, но Египет не само што не се предаде туку и поведе со 7:6. Беше 8:8, па 12:12 и 14:14, а во финишот на првиот дел Франција со четири гола во низа на полувреме замина со водство од 18:14.
На почетокот од второто полувреме, Франција првпат поведе и со пет разлика (19:14), но Египет покажа дека има карактер и сила да се врати во игра. Африканската селекција намали на 23:23 и потоа беше јасно дека ќе има неизвесна завршница.
Беше 32:32 кога Ремили на 30 секунди до крајот погоди за 33:32. Египет имаше напад и даде гол на 4 секунди до крајот, а потоа Французите решија да изиграат брз центар, а Лука Карабатиќ погоди буквално на 0,3 секунди до крајот.
Македонските судии Начевски и Николов преку ВАР-системот и гледање на повторена снимка потврдија дека погодокот е регуларен и дека Франција победи.