Јута Џез ќе има нов сопственик и по цели 35 години владеење семејството Милер одлучи да го продаде клубот за сума што се претпоставува дека ќе изнесува 1.66 милијарди долари.
Нов сопственик на Џезерите ќе биде Рајан Смит, магнатот од областа на компјутерската технологија, кој живее во Солт Лејк Сити.
Пречки за трансфер на власта веќе и нема, бидејќи и раководството на НБА лигата го одобри договорот. Семејството Милер ќе остане во клубот, но како малцински сопственик на акции.
НБА лигата ќе почне со нова сезона на 23. декември, а премиерен меч ќе биде меѓу Бруклин нетс и Голден стејт вориорс.
Кусата пауза меѓу двете сезони, поради пандемијата со Ковид-19 донесе многу возбудливи акции на трансфер пазарот и неколку астрономски договори.
Рекордот го урна Јанис Адетокумбо, кој останува во Милвоки бакс со највисок договор во историјата вреден 250 милиони долари, или заедно со бонуси неверојатни 268 милиони долари.
Неколку кошаркари потпишаа нови договори со своите клубови за сума од 150 до 200 милиони евра, па преодниот рок е највозбудлив во историјата на лигата со најмногу потрошени пари, на што само се надоврза и продажбата на Јута Џез.