Швајцарија го направи најголемото изненадување во досегашниот дел од Европското првенство откако успеа да го елиминира актуелниот светски првак Франција. Со таа победа, Швајцарците покажаа дека не се плашат од никого, а нивниот следен предизвик исто така е голем. Играат против Шпанија, а селекторот Владимир Петковиќ вели дека нема предавање.
„Досега игравме одлично и успешно се справивме со секој предизвик. Но, ние не се задоволуваме со толку, сакаме повеќе. Повторно играме со еден од фаворитите, но откако ја елиминиравме Франција, имаме поголема самодоверба. Подготвени сме за предизвикот“, вели Петковиќ.
Шпанците веќе добија важен сигнал, а тоа е дека Швајцарија не се плаши од никого. Сепак, селекторот Луис Енрике верува дека Црвената фурија нема да ја доживее судбината на Франција.
„Реалност е дека Швајцарија е во четвртфиналето. Добро се познаваме од дуелите во Лигата на нациите. Тие имаат цврста одбрана, а знаат и да нападнат преку контранапади. Нема да биде лесно, но во текот на целиот турнир не видов подобар тим од нашиот“, вели Енрике во пресрет на утрешниот меч.