Актуелниот шпански селектор Луис Енрике, во 1994 година како играч на репрезентацијата на Шпанија, во четвртфиналето на Мундијалот во САД против Италија, се здоби со скршеница на носот, откако доби удар со лакт од Мауро Тасоти.
Италијанецот тогаш не доби ниту жолт картон, денеска со ВАР технологијата, не би се спасил од исклучување, а притоа би имало и пенал за Шпанија бидејќи ударот беше во 16-никот на Аѕурите. Тасоти не мина неказнето, напротив, од ФИФА беше казнет со осум меча неиграње, и тој меч со Шпанија му беше последен во дресот на националниот тим.
Тоа се случи на 9 јули 1994 година во Бостон, уште некој ден ќе се навршат 27 години од инцидентот, а задутре Шпанија со Енрике повторно игра против Италија, овојпат во полуфинале на Европско првенство. Селекторот на Црвената фурија ќе има многу мотиви да се одмазди за поразот и повредата од 1994 година.
Во 2011 година, кога беше тренер на Рома, Луис Енрике се сретна со Тасоти, кој тогаш беше во техничкиот тим на Милан, и срдечно се поздравија. Шпанецот рече го прифатил извинувањето од Тасоти, бидејќи беа поминати 17 години и му прости. Тасоти рече дека веднаш по ударот зажалил што го направил тоа, и дека ќе разберел ако Енрике не сакал да се поздрави со него кога му се извини.
Повозрасните се сеќаваат, а еве потсетување за помладите што се случи: