Тренерот на Пари Сен Жермен, Луис Енрике, изминатава сезона на својот тим ја опиша како „страшен трилер или хорор-филм“. Парискиот гигант ја освои титулата во француското првенство и наскоро ќе игра во финалето на Лигата на шампионите против Интер.
ПСЖ стартуваше тешко и со многу проблеми во групната фаза на Лигата на шампионите, едвај обезбедувајќи пласман во нокаут-фазата. Сепак, по елиминациите на Брест, Ливерпул, Астон вила и Арсенал, тимот покажа дека е подготвен за големи успеси.
„Ако ја анализираме Лигата на шампионите оваа сезона, можеме да направиме одличен трилер или хорор-филм. Имаше секакви сцени. Во групната фаза требаше да имаме подобри резултати, но тоа не се случи. Крајот беше неверојатен. Тешко е да се најде тим со ова ниво, а со толку ниска ефикасност“, изјави Енрике за официјалниот сајт на УЕФА.
Тој додаде дека и покрај сѐ, играчите биле свесни за добрата игра и дека на крајот сѐ се сложило како што треба.
„Пласманот на табелата во ЛШ не ја отсликуваше вистинската слика. Знаевме дека работиме добро. Во еден момент сѐ почна да се поклопува, почнавме да постигнуваме голови и резултатите дојдоа. Сега е време да го завршиме тоа и да напишеме историја“, заклучи тој.
ПСЖ и Интер на 31 мај ќе го играат финалето на Лигата на шампионите.