Лука Дончиќ е дебитант на годината во НБА, МВП на сезоната е Грк

Суперѕвездата на Милвоки бакс, Јанис Адетокумбо е избран за најкорисен играч во НБА лигата за минатата сезона. Популарниот Грик Фрик имаше одлична сезона, предводејќи го Милвоки до најдобрата сезона во историјата на клубот. Гркот имаше просек од 27,7 поени, 12,5 скока и 5,9 асистенции по меч.

Јанис кој има само 24 години е третиот најмлад МВП во последните 40 години во НБА. Помлади од него оваа награда ја имаат освоено само Дерис Роуз и Леброн Џејмс. Зад Јанис, во изборот за МВП завршија Џејмс Харден и Пол Џорџ.

Интересно е што од шесте главни награди кои се доделуваат, само две завршија во рацете на Американци. За најдобар дебитант во сезоната, очекувано беше прогласен Лука Дончиќ. Словенецот имаше блескава сезона, иако неговиот Далас не успеа да се пласира во плејофот. Лука имаше одличен просек од 21,2 поени, 7,8 скока и 6 асистенции по меч., па затоа и доби 98 од можните 100 гласови. Тој е само петиот дебитант кој има просек од преку 20 поени, 5 скока и 5 асистенции и сите петмина кои имале вакви бројки го добивале ова признание.

За играч со најголем напредок е прогласен Камерунецот Паскал Сиакам, кој со Торонто стигна до титулата во НБА лигата. Најдобар одбранбен играч е Руди Гоберт, додека Американци ги добија наградите за најдобар шести играч (Лу Вилијамс) и тренер на сезоната – Мајк Буденхолзен.

- Оглас -

Најнови вести