Хрватска го продолжи континуитетот да се пласира на завршницата на големите натпреварувања, па така ќе биде дел и од Светското првенство во 2026 година. Коцкестите не само што учествуваат на планетарните собири, туку тие играат и главна улога на Мундијалите, па така пред три години на СП во Катар го освоија третото место, а на Мундијалот во Русија во 2018 година играа во финалето кога загубија од Франција, па се закитија со сребрениот медал.
Во сите тие блескави моменти на Хрватска, предводник на теренот беше Лука Модриќ. Капитенот на хрватската репрезентација и тогаш, но и сега е вистински лидер. Со пласманот на Сп 2026 година, Модриќ доби огромна шанса да стане петиот фудбалер кој играл на пет различни светски првенства во историјата.
Досега ваков потфат во речиси стогодишнината од почетокот на планетарните собири им успеало само на Лионел Меси (Аргентина), Кристијано Роналдо (Португалија), Лотар Матеус (Германија) и Рафаел Маркес (Мексико).
Интересно е тоа дека Меси и Роналдо се подготвуваат да одат чекор напред и на Мундијалот кој ќе се игра следната година, ќе влезат во историјата како први кои играле на шест различни Светски првенства.
Легендарниот капитен на Германија Лотар Матеус играше на СП 1982, 1986, 1990, 1994 и 1998 година, додека предводникот на Мексико, Рафаел Маркес беше дел од Мундијалите во 2002, 2006, 2010, 2014 и 2018 година.
Меси и Роналдо започнаа од СП 2006 година и трајат две децении без престан на планетарните собири.
Од активните играчи, Освен Модриќ, на СП 2026 година, шанса да заигра на петто Светско првенство ќе има и Јапонецот Јуто Нагатомо. Тој играше на СП 2010, 2014, 2018 и 2022 година, а Јапонија ќе биде дел и од Мундијалот следната година, а Нагатомо официјално уште се нема откажано од репрезентативниот дрес, па може да биде повикан за да влезе во историјата на планетарните собири.

