Напаѓачот на Интер, Ромелу Лукаку, рече дека веќе не можел да издржи во Манчестер јунајтед и одвај чекал од „Олд Трафорд“ да се пресели на „Џузепе Меаца“, а една од причините што го одбил Јувентус и преминал во Интер бил тренерот Антонио Конте.
„Беше јасно дека немам иднина во Јунајтед, иако ме тераа да останам. Ситуацијата не беше лесна, им кажав дека ќе си одам, сакав да си одам некаде и да работам со тренер, кој вистински ќе смета на мене. На Манчестер му посакувам успеси, би било незрело да покажам непочитување кон бившиот клуб. Вистина е дека бев многу блиску до Јувентус, но моја желба беше Интер кај Антонио Конте. Тој ме сакаше уште кога беше во Челзи и Јуве. Како дете ги гледав Адријано, Роналдо и Кристијан Виери во Интер и кога дојде понудата, не се двоумев. Во Италија се тренира навистина многу, прашајте го и Ешли Јанг“, рече Лукаку.
Лукаку опиша како е да се биде играч на Конте. Тоа некогаш знае да биде и непријатно.
„Кога некој ќе направи нешто грешно, тој му се обраќа пред сите. На мечот со Славија Прага еден од нивните дефанзивци доби дуел еден на еден со мене и се израдува како да дал гол. Во следните пет минути Конте буквално ме уништи, сакав да пропаднам во земја од срам. За 10 години кариера никогаш не сум доживеал такво нешто. Но, ја примив критиката”, раскажа Белгиецот, кој додава дека во Италија кога се организира заедничка вечера, сите доаѓаат, а тоа го немало во Англија.
„Играме агресивно и со емоции, така сака Конте. Битката за титулата не е загубена. Проблемот е што кога Јуве губеше поени, ние не го користевме тоа и исто така киксиравме”, смета Лукаку.