Белгија со лесна победа од 3-0 на дуелот со Русија во Санкт Петербург, ја најави својата кандидатура за висок пласман на ова Европско првенство. Двоен стрелец за Ѓаволите беше Ромелу Лукаку.
Лукаку сега има 20 гола на последните 15 официјални мечеви во дресот на Белгија, а 45 гола на 43 меча откако селектор е Роберто Мартинес. Откако го даде првиот гол, фудбалерот на Интер во една камера викна „Крис, те сакам“, испраќајќи порака до клупскиот колега Кристијан Ериксен кој е во болница, откако имаше здравствен проблем и колабираше на терен за време на мечот Данска – Финска, дуел кој истотака беше од истата група во која се Белгија и Русија.
Гол даде и Томас Мение, кој стана првата резерва во историјата на европските првенства, со гол во прво полувреме. Мение влезе во игра во 27-ма минута, а седум минути подоцна зголеми на 2-0.