Претседателот на Атлетико Мадрид, Енрике Серезо, изјави дека нема никаков проблем на градскиот ривал Реал Мадрид да му го „позајми“ стадионот „Ванда метрополитано“. Реал го реновира својот стадион „Сантијаго Бернабеу“ и најави дека додека се игра без публика, своите средби како домаќин ќе ги игра на тренинг-кампот „Алфредо ди Стефано“, каде што има трибини само со 6.000 седишта.
Но, ако се дозволи присуство на публика, веројатно и во Реал не би сакале да играат на толку мал стадион, па би можеле Кралевите привремено да се преселат на модерниот „Ванда метрополитано“. Ова сигурно нема да им се допадне на фановите на Атлетико, но ова не би бил прв ваков случај.
Во минатото Атлетико неколку пати има играно домашни мечеви на „Сантијаго Бернабеу“, а и Реал, последен пат во 1994 година има играно како домаќин на стадионот на градскиот ривал, тогаш на стадионот „Висенте Калдерон“.
„Дали би го отстапиле ‘Ванда’? Никој нека не се сомнева дека сме подготвени на Реал Мадрид да му излеземе во пресрет“, рече Серезо за време на дружбата со градоначалникот на Мадрид.