Македонец ќе игра на клупското СП и тоа во група со ПСЖ и Атлетико Мадрид

Македонија ќе има за кого да навива за Светското клупско првенство кое започнува во сабота во САД. Се работи за фудбалерот на американскиот Сиетл, Дени Мусовски, кој има македонско потекло, но фудбалската кариера ја гради во САД, каде што е и роден.

Мусовски има право да игра за репрезентацијата на Македонија, а тоа беше најавено од поранешниот селектор Игор Ангеловски во 2020 година, но, сепак, напаѓачот не доби повик.

Она што е интересно, Сиетл е во група со актуелниот освојувач на Лигата на шампионите, ПСЖ, како и Атлетико Мадрид и бразилскиот Ботафого. Токму Бразилците се вистинскиот противник на Сиетл на клупскиот Мундијал, меч кој се игра ноќта помеѓу недела и понеделник, во четири часот наутро по македонско време.

Дени Мусовски е 29-годишен фудбалер роден во Хендерсон, Невада, чија вредност се проценува на 800.000 евра. Оваа сезона во МЛС-лигата и во Лигата на шампионите на КОНКАКАФ настапи на 18 средби за Сиетл со ефект од шест гола и две асистенции.

- Оглас -

Најнови вести