Аталанта ги има најдобрите младинци во Италија. Екипата од Бергамо во финалето на „Енио Тардини“, минимално со 1:0 го победи Интер и стигна до трофејот. Еден од главните актери на теренот во финалето беше Македонецот Дејан Кулушевски.
Иако Кулушевски не беше стрелец на единствениот гол, тој го доби признанието за најдобар играч во финалето (МВП). Ова блескаво признание покажува колку вреди Кулушевски во играта на младинскиот првак на Италија. „Ова е победа на целиот тим“, кратко изјави МВП играчот по завршување на финалето.
Во сезоната која што измина, освен за младинскиот тим, Кулушевски имаше и неколку настапи за сениорскиот тим, што само покажува дека тој е еден од оние играчи во кои вложува Аталанта. Дејан, кој има 19 години е роден во Стокхолм и настапува за младинската репрезентација на Шведска. Тој е дете на Македонци кои заминале во Шведска, а едно време беше и дел од репрезентацијата на Македонија за играчи до 16 години. Потоа реши да ја одбере Шведска, каде и настапува за слекцијата до 21 година.
Засега Кулушевски нема настап за ниту една сениорска репрезентација, што значи дека уште постои шанса да заигра во македонскиот национален дрес.