Македонија 11 месеци нема победа, Фарски Острови е ривал по мерка да се прекине оваа лоша низа

Македонската фудбалска репрезентација започнува ново поглавје и тоа во Лигата на нации. Како дел од ц сегментот на ова натпреварување, голем е мотивот да се одигра одлично и да се освои првото место во групата, затоа што тоа отвора можност за пласман на Светското првенство кое ќе се игра во 2026 година.

Фарски острови, Ерменија и Летонија се противниците на Македонија и реално може да очекуваме нашата репрезентација да стигне до тоа посакувано прво место во групата. За да бидеме чекор поблиску до посакуваната цел, денеска во Торсхавн, Македонија мора да слави над домаќинот Фарски Острови.

Ова е ривал по мерка, затоа што Фарски Острови има 11 порази во последните 13 меча што ги одигра. Има и по една победа и едно реми. Во овој период, фудбалерите на Фарски Острови постигнале само шест гола од кои четири се во победата над Лихтенштајн, кој можеби е најслаба селекција во светот во моментов. Лихтенштајн завчера загуби од Сан Марино, што беше прв триумф на Сан Марино во официјален дуел.

Сепак, загрижува фактот дека и Македонија нема добри резултати во последно време. На последните шест меча, избраниците на селекторот Благоја Миоевски имаат четири порази и две реми. Последен пат Македонија се радуваше во октомври лани кога со 3:1 ја победивме Ерменија во Скопје, што значи дека имаме „пост“ од цели 11 месеци.

Македонија и Фарски Острови досега имаат одинрано еден меч и тоа пријателски, лани во Скопје кога нашата селекција славеше минимално со 1:0.

- Оглас -

Најнови вести