Селекторот на Македонија, Благоја Милевски се надева дека проблемите и повредите ќе ја одминат репрезентацијата во квалификацискиот циклус за настап на Европското првенство во Германија во 2024 година, а единствено охрабрување е камбекот на Илија Несторовски.
За двата пријателски дуели со Финска на 17 ноември и со Азербејџан три дена подоцна ќе ни фалат неколку репрезентативци.
Ердал Ракип самиот побарал да не биде повикуван во националниот состав извесно време, а објаснување нема, според изјавата на селекторот.
Отсуствува и Аријан Адеми, кој е повреден, па јасно е дека ќе играме некомплетни на двата последни пријателски натпревари во Скопје, пред стартот на квалификациите за ЕП 2024.
„За жал, повторно не можеме да бидеме комплетни, но некако се навикнавме во овие 13-14 месеци да не бидеме со сите најдобри играчи што ги имаме. Адеми повторно се повреди на последниот меч, плус уште неколку играчи кои претходно беа повредени. Се надевам дека сите што се на списокот ќе бидат здрави и ќе дојдат на овој собир. Илија Несторовски доби покана и се надевам дека ќе покаже дека може да се вклопи во овој тим и дека ќе остане во националниот состав и во иднина.
Ердал Ракип побара пауза од националниот тим. Го прашав која е причината, а тој не кажа ниту една конкретна причина зошто би била таа пауза. Тој како да не се чувствува дека е дел од тимот“, изјави Милевски.
Според него, формата на фудбалерите е многу подобра од таа што ја имаа во септември и тоа е добро, а Милевски се надева дека теренот на арената „Тодор Проески“ ќе биде во добра состојба за да нема нови повреди.
Двата меча со Финска и со Азербејџан се последна контрола пред почетокот на квалификациите за ЕП 2024 и ова треба да е крај на транзицискиот процес за создавање на ликот на репрезентацијата, додаде Милевски.
„Сепак, ќе повторам дека во целиот овој период во ниту еден момент не бевме комплетни, еве и сега фалат пет-шестмина фудбалери, но веќе се навикнавме на тоа“, заврши Милевски.
Најголемата финска ѕвезда доби поштеда, а ќе нема уште неколу стандардни репрезентативци и кај нашиот следен ривал.