Женската репрезентација на Македонија за ракометарки до 20 години, со убедлива победа од 32-15 стартуваше на Светското првенство кое се одржува во Скопје.
Избраничките на селекторот Дарко Јанев рано поведоа со 7-1, потоа беше и 14-3, и уште по првото полувреме беше јасно кој ќе биде победник на овој дуел во „Борис Трајковски“.
Темна дамка на победата фрли повредата на Бојана Коцева која на носила беше изнесена од теренот. Нејзината сестра близначка, Борјана, со 9 голови беше најефикасна, а Ива Младеновска придонесе со 7 голови и тие две беа најефикасни против Американките.
Во второто коло, Македонија задутре се среќава со Исланд, кој на стартот денеска беше подобар од Ангола со 24-19. Во следната фаза одат најдобрите две од групата, и реално е нашиот тим да се најде во топ 16.