Македонија веќе слави прво учество на Европско првенство, лудницата продолжува, но продолжува и нон-стоп ритамот на одигрување на натпревари.
По победата против Грузија во Тбилиси, вчера и долгото патешествие со слетување во Приштина, па пат за Скопје, репрезентативците веќе утре ќе мораат на тренинг, а задутре и на терен на нашата национална арена против Естонија.
Ќе играме без Пандев, Адеми, Алиоски и голманот Димитриевски, а селекторот Игор Ангеловски дополнително ги повика во А тимот дарко Чурлинов, Тодор Тодоровски и голманот Ристе Јанков, сите тројца членови на младата селекција до 21 година. Веднаш по дуелот со Естонија не чека и последниот дуел од нашата група во Ц сегментот од Лигата на Нации, против Ерменија во Никозија.
Тој меч ќе се игра во среда на 18. ноември на неутрален терен поради нестабилната ситуација во Нагорно Карабах. И тој меч може да не направи двојни шампиони во двете изданија на Лигата на Нации и во фазата по групи, а потоа и преку бараж дуелите и во целиот сегмент Ц, што би значело скок во втората по ранг дивизија.
Македонија и Грузија моментно имаат по шест бода и два меча за доигрување, Ерменија е трета со пет бода, а Естонија е последна со два бода.
Стандардно за Лигата на нации првопласираните четири селекции од секој сегмент ќе играат бараж полуфинале и финале, а шампионот се сели во Б сегментот.