Австрија и Унгарија ќе играат од 20:30 часот, меч по кој ќе се комплетира претпоследното коло од групната фаза. Во овој момент Македонија е втора во групата со 4 бода, исто колку што има и Холандија, но нашата репрезентација има подобра гол-разлика (127:127) наспроти гол-разликата на Лалињата (135:140).
Унгарија и Австрија имаат по три бода, што значи победникот од овој меч со пет бода ќе дојде на второто место. Доколку ремизираат Унгарија и Австрија, ќе биде вистинска мешаница на табелата во борба за второто место. Тогаш четири репрезентации би имале по 4 бода, а Македонија ќе остане втора со најдобра гол-разлика.
Во последното коло Македонија ќе има најтешка задача бидејќи ќе игра против Франција, но има надеж, посебно ако се знае дека Галските петли се сигурно први и овој меч нема да им значи ништо. Тоа значи дека Франција може да игра и со „втор тим“, па тоа да биде шансата за Македонија да го изненади големиот фаворит.
Во последното коло Унгарија ќе има најлесна задача барем на хартија, бидејќи ќе игра против Катар, а Холандија ќе се сретне со Австрија.