Македонските ракометни таленти на возраст до 20 години ја победија Украина со 26:23 и го освоија петтото место на Б шампионатот на Европа.
Иако денеска забележавме победа во вториот дуел на турнирот против Украинците, петтото место е неуспех според рејтингот и реномето што го изгради Македонија во ракометот во овој милениум.
Пред нас се четири селекции што играа со нас на Б првенството и уште 16 од А шампионатот на Европа, што би значело дека младинците според резултатот на ЕП се на 21. место на Стариот континент.
Мало оправдување е што игравме со помлади ракометари како подготовки за европскиот шампионат во Рига за кадети.
Не успеавме да играме плејоф за влез во А дивизијата, а таму ќе играат Швајцарија, Грција, Израел и Романија, сите со далеку помал ракометен углед од Македонија во 21 век.
Интересно е што против Украина го почнавме шампионатот и тоа со реми 23:23, а денеска ги победивме во битката за петтото место.
Александар Петковски беше најефикасен со 7 гола, а Славчо Шулевски постигна 5 во последниот меч на Б шампионатот за Македонија.
Во меч за третото место денеска од 14.30 часот ќе играат Швајцарија и Грција, а од 17 часот е финалето меѓу Израел и Романија.