Македонија ЃП со трет трофеј од Купот, Струга ги промаши сите четири пенали!(Фото+Видео)

Екипата на Македонија ЃП третпат во својата историја е освојувач на трофејот од Купот на Македонија, откако дури после изведувањето на пеналите ја совлада Струга Трим Љум.

Личина и Скендери во втората, односно четвртата серија беа прецизни за Македонија ЃП, што беше доволно за победа од 2-0 на пенали, со оглед на тоа дека Струга Трим Љум ги промаши сите четири пенали!

За Македонија ЃП шутираа уште и Мишевски и Алексовски, но нивните удари ги одбрани голманот на Струга ТЉ, Ведран Ќосевски.

За екипата од Струга лоши пеналџии беа Таири (шутираше над гол), Радески и Незири (двајцата во пречката), Шабани (одбрани Стевковски).

Со ова Македонија ЃП е четвртиот претставник на Македонија во европските фудбалски купови и претстојново лето ќе настапи во Конференциската лига.

Двата погодоци на натпреварот беа постигнати во регуларните 90 минути, по еден во двете полувремиња. Најпрво Македонија ЃП дојде во водство во 28-мата минута преку Филип Мишевски од пенал. Конечните 1-1 ги постави Јусуфи, со голема помош на фудбалерот на Македонија ЃП, Ѓорги Стоилов, во 78-мата минута.

Погодоци немаше во дополнителните два пати по 15 минути.

 

Победникот на Купот на Македонија четвртипат по ред е решен после изведувањето на пеналите.

- Оглас -

Најнови вести