ВАР-системот за првпат ќе биде инсталиран на Националната арена „Тодор Проески“ на меч на репрезентацијата на Македонија утревечер, од 20.45 часот, против Косово, но нашите репрезентативци имаат искуство со клупски натпревари со модерната технологија, а веќе играа и во дресот со национални обележја на мечеви на кои помагаше системот за проверка на спорни моменти.
Во март пред две години на пријателскиот меч со Азербејџан во Турција, познатиот судија Чунејт Чакир беше главен во ВАР-собата на „Мардан арената“ во Анталија и во 22-рата минута му сугерираше на главниот судија да досуди пенал за Македонија.
Пандев беше фаулиран на работ на шеснаесетникот, а Македонија за првпат имаше можност да ѝ се проверува спорен момент со помош на ВАР-системот.
Чакир пресуди во наша корист и ударот од белата точка го искористи Александар Трајковски за израмнување на 1:1 и реми со истиот резултат против Азербејџанците.
Тоа е првиот меч на македонската репрезентација на кој бил употребен ВАР-системот, а утревечер за првпат ќе биде во функција на официјален меч, во полуфиналето против Косово, во Сегментот Д од Лигата на нациите.
Правдата утре од 20.45 часот ќе ја дели Дани Макели од Холандија, а помошници ќе му бидат Марио Дикс и Хесел Стегстра.
Четврти судија е Алард Линдхот, додека во ВАР-собата, систем за првпат имплементиран во Македонија се Јохем Кампујс и Кевин Блом, исто така од Холандија.