Македонија – Косово нема да се игра во јуни, туку наесен?

Мали се шансите да се испочитува одлуката на УЕФА, бараж мечевите од Лигата на нации да се играат на 4 и 9 јуни. Иако мечот меѓу Македонија и Косово првично требаше да се игра на 26 март, а потоа официјално беше презакажан за 4 јуни, најверојатно нема да се игра ниту во јунскиот термин, туку наесен.

Коронавирусот не стивнува, мај е месецот во кој најрано би продолжиле прекинатите првенства, и затоа во УЕФА веројатно ќе ги одложат и јунските термини.

Иако уште ништо не е официјално, во националните федерации веќе се подготвиваат за ново поместување. Европското првенство ќе се игра следната година, па нема потреба од брзање со баражите, преку кои четири селекции ќе се пласираат на Еуро 2021.

Бараж треба да игра и Србија со Норвешка, а директорот на српскиот фудбалски сојуз, Владимир Матијашевиќ потврди дека минимални се шансите за патување во Осло уште во јуни.

„Мислим дека од играње на тој меч во јуни ќе нема ништо, барем според тоа како сега стојат работите. Баражот ќе се помести за есен. Прашање е дури дали и тогаш ќе се игра пред публика. Не гледам логика да се игра во јуни, на играчите ќе им треба време да се подготват“ – изјави Матијашевиќ.

- Оглас -

Најнови вести