Дарко Чурлинов и Кире Маркоски се освежувањата за дуелите против Летонија и Словенија, стартни за македонската фудбалска селекција во квалификациите за пласман на Европското првенство во 2020 година.
На списокот на селекторот Игор Ангеловски за дуелот во Скопје со Летонија на 21-ви март и со Словенија на 24-ти март на гости во Љубљана се најдоа и повредените Иван Тричковски и Стефан Спировски, но тие се неизвесни за настап.
„Скоро 95 проценти е ист списокот од настапите во Лигата на нациите. Се вратија Дарко Велковски, Кире Маркоски, а повторно одлучив да го повикам и Дарко Чурлинов. Тричковски и Спировски се повредени, за жал, отсутен ќе биде и Адеми, но одиме напред. Нема да се жалиме поради остуството на дел од клучните играчи. Имаме доволно квалитет за да ги пополниме празнините. Летонија има нов селектор, добро го познавам Стојановиќ и имам само комплименти за него, но јас сега се грижам само за нашата репрезентација“, вели Ангеловски.
Собирот на репрезентацијата е на 18-ти март, кога и официјално почнуваат мини подготовките за мечевите со Летонија и со Словенија.