Победа, реми и пораз е билансот на Македонија по завршувањето на трите меча во групната фаза на Европското првенство во Данска. Овој скор не е доволен за нашата репрезентација да се пласира во главната фаза, но сепак, во нашиот табор постои задоволство затоа што ја остваривме една од примарните цели, а тоа е да завршиме во Топ 16 репрезентациите на овој турнир.
Групната фаза од ЕП ќе се комплетира утре, кога ќе биде познат и комплетниот распоред на селекциите од 13-тото до 24-тото место. Македонија нема потреба да чека до утре затоа што јасно е дека нашата репрезентација на крајот ќе заврши на 14-тото место на контиентналниот собир и ќе биде втора најдобропласирана трета репрезентација во групите.
Македонија освои три бода и сигурно ќе биде пред Австрија, која одигра три меча и има два бода на третото место во својата А група, исто како и Чешка во Ц групата. Со два бода заврши и Италија, која е трета во Ф групата, додека Холандија и Грузија немаат ниту еден бод во Е групата и тие сигурно ќе бидат зад нашата репрезентација на крајот од првенството.
Единствено Фарски Острови или Швајцарија, зависно која селекција ќе биде трета во Д групата, на крајот ќе бидат пред Македонија, затоа што тие две селекции имаат подобра гол-разлика од нашата.

Пред почетокот на ЕП, основна цел беше Македонија да биде во Топ 16 репрезентациите, кои ќе добијат повластен третман во ждрепката и квалификациите за следното Светско првенство. Ова е одлична вест за Македонија затоа што во баражот за Мундијалот во 2027 година треба да добиеме релативно полесен противник, што би значело и продолжување на континуитетот со пласман на завршницата на големите натпреварувања.

