Победата на Македонија во Палермо против Италија е шокантна за актуелниот европски шампион, но нашите фудбалери со неверојатна пожртвувана игра и со „срце на терен“ сосема заслужено стигнаа до сензација.
Ова е само третпат Италија да не биде дел од завршница на Мундијалот, и тоа вторпат по ред затоа што го пропушти и собирот во Русија пред четири години. Победата на Македонија е шокантна, но и историска.
До синоќа, никогаш се немало случено Италија да загуби меч на свој терен во квалификации за Светско првенство. Над 70 години има квалификации за Мундијалот и не се најде јунак да ја победи Италија сè до 24 март 2022 година, кога Македонија со 1:0 славеше во Палермо.
Во светскиот фудбал сега остануваат само две репрезентации кои никогаш дома не загубиле во квалификации за СП, а тоа се Шпанија и Бразил.