Македонија не беше ниту сериозен тест за Хрватите, пораз од 3-0 (ВИДЕО)

Фудбалската репрезентација на Македонија загуби од Хрватска со 3-0 на пријателскиот натпревар што се одигра на стадионот „Рујевица“ во Риека. Хрватите се подготвуваат за настап на Европското првенство, а ние сакавме да видиме дали и колку можеме да им парираме на силните селекции од Европа.

Според прикажаното, не сме на потребното ниво, односно ќе мора селекторот Благоја Милевски и фудбалерите уште многу да работат и да се подобруваат за да се доближиме квалитативно до европскиот крем. А кај Хрватите недостасуваа и ѕвезди од калибарот на Лука Модриќ, Марсело Брозовиќ, Марио Пашалиќ…

Ловро Мајер беше двоен стрелец за Хрватска на овој натпревар. Играчот за врска на фантастичен начин изведе слободен удар во десеттата минута и го совлада Столе Димитриевски.

Непосредно пред одморот, Ловро Мајер постигна и втор погодок, по одличната акција и проигрувањето од Бруно Петковиќ.

Во второто полувреме, двајцата селектори, Благоја Милевски и Златко Далиќ, направија по неколку замени, но големата слика не се промени. Хрватска и понатаму доминираше на средината на теренот, а Македонија ретко успеваше да одработи акција со која ќе се закани кон противничкиот гол.

Во 80-тата минута Марко Пашалиќ зголеми на 3-0 постигнувајќи прекрасен гол и го постави конечниот резултат.

Македонија за седум дена ќе одигра уште еден пријателски натпревар, против селекцијата на Чешка во Храдец Кралове.

 

ХРВАТСКА – МАКЕДОНИЈА 3-0 (2-0)

Стадион „Рујевица“ во Риека: Стрелци: Мајер 10′, 45′, Марко Пашалиќ 80′ (Хрватска)

ХРВАТСКА: Ливаковиќ, Јурановиќ, Ерлиќ (од 66. Понграчиќ), Вида, Соса, Ковачиќ (од 46. Сучиќ), Батурина (од 66. Марко Пашалиќ), Мајер, Крамариќ (од 55. Иванушец), Перишиќ (од 59. Пјаца), Петковиќ (од 59. Будимир).

МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Зајков, Велковски (од 73. Димоски), Муслиу, Ашковски (од 57. Митровски), Атанасов (од 57. Костадинов), Алими, Елмас, Алиоски, Миовски (од 67. Ристовски), Трајковски (од 67. Чурлинов).

- Оглас -

Најнови вести