Македонскиот ракомет може да биде горд на судиската двојка Ѓорѓи Начевски и Славе Николов, кои добија огромна чест со одлуката на ЕХФ да бидат делегирани да ја делат правдата на финалето на Европското првенство. Натпреварот за златниот медал е закажан за 16.30 часот во недела, во Стокхолм.
Начевски и Николов не судеа во првата фаза, но се приклучија во главната фаза и беа делегирани речиси во секое коло. Добро завршената работа и неиграњето на македонската репрезентација во завршницата беа елементите кои им помогнаа. Тие имаат судено и во финале на СП за младинци, а ова им е прво големо финале во сениорска конкуренција.
Полуфиналните двојки се Норвешка – Хрватска и Шпанија – Словенија. Со добивањето на финале на Европското првенство, јасно е дека веќе си го имаат визирано местото и за Олимписките игри во Токио, така што сигурно ќе бидат дел и од ова натпреварување во текот на ова лето, каде што исто така ќе бидат во конкуренција за главните натпревари.