Женскиот репрезентативен ракомет некогаш беше македонска гордост. Пред нашите ракометарки паѓаа велесили како Данска (двапати), Германија, Русија, Франција, а за оние од „источниот блок“ како Белорусија, Полска, Србија, Хрватска и Украина бевме вистински „ноќен кошмар“.
Гордо ги гледавме настапите на Индира Кастратовиќ, Гордана Нацева, Валентина Радуловиќ, Наталија Тодоровска (Малахова), Милева Велкова, Лариса Ферзалиева, Олга Бујанова, Анжела Платон и останатите. Македонија беше на седмото, односно осмото место на Светските првенства во 1997 и 1999 година, на Европските шампионати бевме седми во 2008 година, но и двапати осми во 1998 и 2000 година.
Денес се радуваме на победа против Белгија, откако претходно загубивме од нив на гостински терен и сега ќе чекаме можност како една од најдобрите третопласирани да одиме на Европското првенство, на кое впрочем играат 24 репрезентации. Некогаш како од шега се пласиравме на континенталните собири на кои играа по 12 селекции.
Настап на Светско првенство немаме од 2007 година. Тогаш играа по 24 репрезентации, сега Мундијалите во женска конкуренција се проширени на 32 селекции, но ние сè уште сме многу далеку од настап.
И некој ќе рече – ама тогаш играа натурализирани ракометарки. Да, играа натурализирани кои со гордост ја пееја македонската химна и се радуваа на македонските успеси. Сосема логички и сега се поставува прашањето: Дали ни се потребни нови натурализирани ракометарки? Некоја нова Кастратовиќ, Ферзалиева, Малахова или Бујанова? Дали сакаме повторно успеси на женскиот ракомет или ќе се задоволиме со победа над Белгија за (едвај) трето место во групата и триумф на пријателски турнир во Анталија?

