Македонскиот олимписки комитет (МОК) денеска на прес-конференција официјално го претстави македонскиот олимписки тим кој ќе ги брани боите на нашата држава на претстојните Зимски олимписки игри во Милано и Кортина (6–22 февруари).
Овие игри се од историско значење за македонскиот спорт бидејќи за првпат државата ќе ја претставуваат четири олимпијци, сите со остварена норма.

Македонскиот олимписки тим е составен од: скијачката Јана Атанасовска, која ќе се натпреварува во слалом и велеслалом; скијачот Виктор Петков, кој исто така ќе настапи во алпските дисциплини велеслалом и слалом; потоа Ставре Јада, кој е најискусен член и ќе има настап на трети ЗОИ, ќе се бори на трките спринт и 10 км интервал старт; додека Ана Цветановска по својот настап во Пекинг, ќе ја претставува Македонија и во Италија, исто така во нордиските дисциплини спринт и 10 км интервал старт.
Претседателот на МОК, Даниел Димевски, изрази задоволство.
„Стојам гордо пред вас бидејќи за првпат настапуваме со четворица спортисти со А-норма. Ова е плод на работата на Скијачката федерација и на олимпискиот систем кој го градиме“, рече Димевски.
Распоредот за настап на нашите нордијци е на 10, 12 и 13 февруари, додека алпските дисциплини ќе се одржат на 14, 15 и 18 февруари.

