Само три дена по историската победа над Грузија и пласманот на Македонија на првото Европско првенство, следуваат нови предизвици за нашата селекција. Во меч од 5. коло од Лигата на нации, Македонија во Скопје игра против Естонија.
Македонија ја има фаворитската улога, иако дури тројца од стартерите на мечот во Тбилиси, сигурно нема да играат денеска. Капитенот Горан Пандев и Езџан Алиоски добија поштеда, Аријан Адеми ја обнови повредата и ќе мора да мирува, додека голманот Столе Димитриевски треба да „одлежи“ еден меч суспензија по црвениот картон добиен на мечот со Грузија во Лигата на нации. Ќе го нема и Енис Барди кој се повреди пред неколку дена.
Селекторот Игор Ангеловски вели дека е исполнета главната цел за ноемврискиот собир, а тоа е пласман на ЕП, но секако сега мисија е и да се одбрани првото место во Лигата на нации. Ангеловски вели дека како учесник на ЕП, Македонија сега има обврска да продолжи да победува.
Против Естонија досега имаме одиграно четири меча и никогаш не сме загубиле. Имаме две победи и две нерешени, но интересно е што селекторот на гостите Карел Фолаид е оптимист дека неговата селекција може да ги освои трите бода.