Македонската женска ракометна репрезентација убедливо со 37:22 славеше над Азербејџан во Баку, во меч од петтото коло во квалификациите за пласман на Европското првенство кое ќе се игра при крајот на оваа година. Со овој триумф, Македонија стигна до шест бода и остана на второто место на табелата, кое води на завршницата на континенталниот собир.
За официјално и формално да може да се каже дека Македонија ќе биде дел од завршницата, потребно е вечерва Шпанија да не загуби на гости кај Литванија, каде што Црвената фурија е апсолутен фаворит.
Избраничките на селекторот Кристијан Грчевски фуриозно започнаа на мечот во Баку, па по првите шест минути беше 4:0 за Македонија. Потоа домашниот тренер побара тајмаут, и тоа вроди со плод. Азербејџан стигна до 5:5 во 11-тата минута, а беше и 7:7 во 14-тата минута.
Потоа следуваа два гола на Македонија, а Азербејџан даваше отпор до 11:12 во 22-рата минута. Потоа нашите репрезентативки заиграа многу подобро и до крајот на првото полувреме со серија од 7:1 стигнаа до висока предност од 19:12. Дури девет различни ракометарки се запишаа во листата на стрелци.
Во второто полувреме Македонија продолжи да доминира и предноста очекувано се зголемуваше. Во 43-тата минута првпат стигнавме до двоцифрена предност (27:17), а до крајот разликата беше 15 гола во корист на Македонија.
Јована Саздовска со седум гола беше најпрецизна во македонската репрезентација, а стандардно добра беше и Сара Ристовска со пет погодоци. Последниот меч на Македонија во овие квалификации ќе биде в недела, во „Борис Трајковски“ во Скопје против Литванија. Влезот за овој дуел е слободен.