Македонија загуби од Романија со 12 разлика, но ја исполни мисијата за квалификации на ЕП 2021

Македонската кошаркарска репрезентација загуби на гостувањето кај Романија, но сепак се радува на пласманот во квалификациите за пласман на Европското првенство до 2021 година. За Македонија ова е прв пораз во претквалификации, но и тоа е доволно да го задржиме првото место во групата, пред Романија и Косово. Во четирите меча, Македонија има три победи и еден пораз, а најважно е тоа што вечерва од Романија загубивме со негатива помала од 13 разлика. Во Скопје ги победивме со 90:76 и тоа е разликата поради која Македонија е прва во групата, а Романија ќе остане зад нас.

Македонија само во првата четвртина покажа добра игра. На почетокот поведовме со 8:3, а по првите 10 минути водевме со 16:15. Потоа едноставно како да застанавме, а Романија почна да ја зголемува предноста. На полувреме, Македонија имаше негатива од пет разлика (34:29), а веќе на почетокот на третата четвртина, Романија стигна до плус 8 (37:28)

На две минути до крајот беше 62:50, кога погоди Бојан Трајковски. Романците дадоа тројка на 45 секунди до крајот и стигнаа до 65:52. Ние повторно утнавме, па Вотсон имаше шут за тројка за Романија да стигне над 14 разлика, но не погоди. Хендрикс со дефанзивен скок се избори за топка за Македонија, а натурализираниот Македонец на 6,2 секунди до крајот погоди едно слободно фрлање, а Романија не успеа да направи акција за напад, па Македонија загуби со 65:53, но ја оствари целта и се пласираше во квалификациите за ЕП 2021 година.

Дамјан Стојановски со 13 поени беше најефикасен кај Македонија, брат му Војдан додаде 12 поени, а Хендрикс заврши со 8 поени. Во листата на стрелци се запишаа и Симоновски со 6 поени, Трајковски даде 5, Ѓуроски 5 и Магдевски со 4 поени.

- Оглас -

Најнови вести