3.8 C
Skopje
понеделник, 24 ноември 2025

Македонска фудбалска оска: Кардиф-Арачиново-Копенхаген

Квалификациите за пласман на Светското првенство 2026 и официјално завршија, барем она што се нарекува групна фаза. Македонија на седум меча од квалификациите прими три гола и до последното коло имаше (теоретски) шанси за пласман на Мундијалот, но тогаш ни се случи „Кардиф“ и седумката на лото.

Звучи неверојатно репрезентација што примила три гола на седум меча да прими седум гола само на еден натпревар, и тоа не кој било, туку оној кој одлучува за втората позиција во групата и полесен противник во баражот.

Благоја Милевски влезе во историјата како селектор кој двапати по ред ја донесе Македонија во бараж за пласман на Светското првенство, но и селектор кој во својот мандат двапати бил поразен со по седум примени гола, прво во Манчестер, а потоа и во Кардиф.

Според сегашниот договор помеѓу селекторот и ФФМ, мечот против Велс беше последен за Милевски, иако сè уште нема информација дали ќе биде продолжен договорот или не. Сепак, Милевски по ждрепката даде изјава за официјалната страница на ФФМ и кратка анализа за нашиот следен противник.

Многумина сметаат дека Гоце Седлоски ќе биде новиот селектор, но дали поранешниот капитен на репрезентацијата на Македонија и актуелен тренер на Вардар е подготвен да го напушти тренерското столче на „црвено-црните“ и сам да се лиши од привилегијата да стане шампион на Македонија со најтрофејниот клуб?

Веројатно најреалната опција е Благоја Милевски да остане селектор за баражот, а во меѓувреме првенството на Македонија ќе заврши, па Седлоски ќе може да го наследи.

Сепак, на оние кои беа во чартерот во Манчестер (7-0) и Кардиф (7-1) не им менува многу кој ќе биде селектор, најважно е да има уште чартери.

Репрезентацијата се врати од Велс во средата попладне, а веќе во петокот продолжија и клупските натпреварувања кај нас, и тоа не како било, туку на скандалозен начин. А, секако, патот од Кардиф до Копенхаген води преку Арачиново, па пред да тргне чартерот за Данска, имаме многу работи за средување во својот двор.

Фудбалери на штипската Брегалница беа физички нападнати на мечот против Шкендија Арачиново на стадионот во Ченто, еден од нив завршил и во болница, но делегатот немаше храброст да го прекине натпреварот. Второлигашот од Арачиново излезе со соопштение со кое се обиде да го релативизира настанот и посочи дека дошло до пресметка помеѓу член на нивниот стручен штаб и фудбалер на Брегалница. Сепак, според билтенот на МВР и официјалниот записник од натпреварот, иницијалите на уапсениот тепач се совпаѓаат со името и презимето на Комет администраторот на Шкендија Арачиново, кој бил исклучен на мечот против Брегалница. Комет администраторот е лицето што го внесува составот во системот на ФФМ и во никој случај не е член на стручен штаб, ниту му е местото крај теренот со маркер за редар.

А, за волја на вистината, имаше уште неколкумина кои ги тегнеа за дресови фудбалерите на Брегалница.

На овој инцидент му претходеше инцидент и во Слупчане на третолигашки меч, кога голманот на Аеродром заврши во болница, но и тепање на пионерите на штипска Брегалница.

ФФМ реагираше, со сигурност ќе реагира и за инцидентот во Ченто, а Шкендија се соочува со суспензија на теренот од два до 12 натпревари, а Комет администраторот со доживотна суспензија. Сепак, казните кои ќе бидат изречени и за овој меч, но и оние кои беа изречени за претходните се премали. Годината е 2025, векот е 21, а некој постојано сака да нѐ враќа во минатиот век, кога домаќинот мора да победи.

За потсетување, во 2004 година, пред повеќе од 20 години, екипата на Тетекс беше буквално претепана на стадионот во Арачиново, а фудбалерите принудени со копачки на нозете да скокаат преку ѕидот и да трчаат по патот за да спасат жива глава. Единствениот грев кој го имаа направено е тоа што победија со 1-2. Помина 21 година од тогаш, но очигледно ништо не е сменето.

Ако завршивме со Арачиново, може да тргнеме накај Копенхаген. Македонија во полуфиналето од баражот за пласман на Мундијалот ќе игра против Данска, силна и квалитетна репрезентација, на гостински терен. Евентуална победа ни носи финале против подобриот од дуелот на Чешка и Ирска, повторно на гости.

Данска е убава, Копенхаген е убав град, чартер ќе има – без разлика кој ќе биде селектор.

- Оглас -

Најнови вести