Кошаркарската репрезентација на Македонија одигра фантастично второ полувреме за победа против Италија со конечни 86:78, прва во овие квалификации, за одржување на шансите за пласман на Евробаскетот 2022.
Потребно беше да се надиграат Аѕурите, па сега ни останува да се надеваме во пораз на Естонија против домаќинот на турнирот, Русија, па утре во директен дуел против Естонците да се бориме за пласман на континенталното натпреварување.
Нашите кошаркари речиси цело прво полувреме бркаа двоцифрена негатива која Италијанците ја остварија уште во првите 10 минути, но по паузата се вратија на теренот со многу поголема самодоверба. Откако се консолидираа, негативата од 16 поени разлика не делуваше како голема, па така почна и комплетниот пресврт со освојување на третата четвртина со убедливи 26-13. Следуваше серија од 10-0 на избраниците на Ацо Тодоров, а таа двоцифрена разлика се чуваше речиси до последната минута, по што Италијанците немаа време за спас.
Одлична партија одигра Ненад Димитријевиќ со учинок од 22 поени и 7 асистенции, а го следеше и вториот наш бек Андреј Магдевски со 20 поени, додека Војдан Стојановски застана на 15 поени. Спису на другата страна беше најефикасен со 15 поени, недоволни за Италија.