Македонската икона Кирил Лазаров дебитира како селектор против стариот должник Данска

Кирил Лазаров ќе дебитира како селектор на Македонија, а се уште е и капитен на нашата ракометна селекција и ќе диригира од двете позиции, вечерва против актуелниот светски првак Данска.

Од 20 часот во Скопје ќе се игра дербито на двете непоразени селекции во седмата група за пласман на Европското првенство што ќе се одржи во јануари идната година во Словачка и Унгарија.

Лазаров го презеде кормилото на репрезентацијата по неуспехот на Мундијалот во Египет и верува дека ова е нов почеток за враќање на Македонија на старите позиции, меѓу најдобрите ракометни репрезентации во Европа.

„Чест ми е што ќе дебитирам како селектор против најдобрата ракометна репрезентација на денешницата. Спортски е да се надеваме, а сигурно ќе се бориме докрај. Сепак треба и да бидеме реални, бидејчи знаеме кој ни е противник. Хендикеп за нас ќе биде што ќе ја немаме поддршката на публиката, која е позната и веројатно и најдобра во ракометна Европа“, вели Лазаров.

Интересно е што Данците кои доаѓаат во Скопје како актуелни светски прваци, по брилијантниот настап во Египет, ќе пристигнат на неколку часа пред почетокот на натпреварот, закажан за 20 часот.

По две кола и двете репрезентации имаат по две победи, а во конкуренција се и Швајцарија и Финска, селекции со по два порази. Директно на ЕП ќе се пласираат двете најдобропласирани репрезентации од сите 8 групи, а ќе има место и за половина третопласирани селекции.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести