Македонската модна икона има претчувство дека составила добитен хуманитарен тикет

Во сите анкети во последните 20-тина години на прашањето која е најубава Македонка, Светлана Црнокрак е или на врвот или при самиот врв на листата, а освен по убавината, таа се карактеризира и со спортски дух и хуман карактер, па без проблем прифати да учествува во акцијата на Sport Life. Светлана реши да ги следи стапките на нејзиниот сопруг Мики, кој веќе понуди хуманитарен тикет, и верува дека ќе биде и поуспешна од него во типувањето.

„Честопати сум одела да уплатам тикет во обложувалници, но никогаш не сум имала некои посериозни добивки. Можеби сега среќата ќе ми се насмевне и ќе ги погодам прогнозите. Обично уплаќам ако сонувам дека сум добила пари во обложувалница или на некоја наградна игра, но овојпат имам некое претчувство дека ќе ми се посреќи. Би сакала тикетот да биде добитен бидејќи парите одат во хуманитарни цели, би ги подарила во СОС детското село“, најавува Светлана.

ЗА 12-ТИОТ РОДЕНДЕН ДОБИЛА ПОДАРОК КОПАЧКИ 

На Светлана Црнокрак омилен спорт ѝ е кошарката, таа играла на центарска позиција за средношколскиот тим, но исто така редовно ги следи фудбалските случувања и не е лаик кога станува збор за овој спорт кој е најзастапен во билтените на обложувалниците.

„Кај нас дома постојано се гледа спорт и сакала-нејќела, мора и јас да следам. Сакам спорт, слабост ми е кошарката, играв како средношколка, но сакам и фудбал, скијање, помалата ќерка тренира одбојка, порано и поголемата, така што спортот е незаобиколен дел од мојот живот. Плус тоа, како презентер на вести во телевизија Алсат, читам и спортски вести, па ги знам сите клубови кој како се изговара. Многупати сум одела на стадион или во сала во живо да гледам некои важни натпревари. Можеби многумина не можат да ме замислат со копачки на нозете, но како дете сум играла фудбал, за мојот 12-ти роденден добив подарок копачки кои ги чувам“, раскажува Светлана.

КАДЕ ШТО Е ТРЕНЕР ГВАРДИОЛА, ЗА ТОЈ ТИМ НАВИВА СВЕТЛАНА, НО НЕМА РИВАЛСТВО СО МИКИ

Светлана вели дека нема некој постојан омилен тим за којшто навива, туку се води според тоа каде е тренер Пеп Гвардиола. Ова значи дека навивала за Барселона, па за Баерн, а сега за Манчестер сити.

„Јас навивам за тимовите каде што е тренер Гвардиола. Како мала, омилен тим ми беше Црвена ѕвезда, па ете, и според тоа се најдовме некако со сопругот Мики, кој е голем фан на тој клуб и немаме кавги по дома кога се игра белградското дерби“, објаснува понежната половина од семејството кое со години е симбол на модата во Македонија.

СТУДИОТО ЦРНОКРАК ГИ ЧЕКА ПРИЈАВИТЕ ОД НОВИТЕ ПОТЕНЦИЈАЛНИ МАНЕКЕНИ И МАНЕКЕНКИ

Што се однесува до активностите на модното студио „Црнокрак“, Светлана вели дека декември е „турбо“ месец бидејќи има многу прослави, плус во тек се курсевите кои се одржуваат двапати годишно.

„Овој период нема никакви избори за Мис, па се подготвуваме за следната година. Курсевите ги држиме двапати годишно, сега работиме со нова група, а со следната група почнуваме во март, но заинтересираните веќе може да почнат со пријавување. Ги повикувам сите кои имаат 5 или повеќе години да се јават кај нас“, апелира една од најуспешните манекенки кои се појавиле во Македонија, а сега во поинаква улога.

Ова е тикетот кој го предлага Светлана Црнокрак:

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести