Најверниот и најпознатиот ѕвездаш во Македонија направи тикет за сите вкусови

Сопственикот на модното студио „Црнокрак“, Мики Црнокрак, е човек кој редовно ги следи спортските настани и со задоволство ја прифати поканата да учествува во хуманитарната акција на Sport Life со составување на добротворен тикет за викенд-натпреварите кои претстојат.

Тие што го познаваат, знаат дека е голем фан на фудбалскиот клуб Вардар и на кошаркарскиот клуб Работнички, а од странските, омилена му е Црвена ѕвезда и веројатно во Македонија му нема рамен по бројот на посетени натпревари на Ѕвезда во Белград.

„Не знам дали во Македонија има некој што одел на мечеви на Ѕвезда повеќе од мене. Голем фан сум на тој клуб. Имам билети од повеќе од 250 фудбалски натпревари на Ѕвезда само на Маракана. Тука не ги сметам гостувањата и кошаркарските мечеви, вкупната бројка е навистина голема. Одамна не сум уплатил тикет во обложувалница, па затоа и не сум играл за или против Ѕвезда“, вели Црнокрак.

БРКАЛ „ИКСОВИ“ НА СВЕТСКО ПРВЕНСТВО И СЕ РАЗОЧАРАЛ

Мики пет години не уплатил тикет, а причината е големото разочарување кое го имал на Светското првенство во фудбал во 2014 година.

„Во минатото многу пари имам добивано од типување на нерешени исходи на светски и европски првенства. Статистички, често мечевите на големите натпреварувања, особено на ЕП, каде што тимовите се поизедначени, завршуваа нерешено. Но, за беља, на Мундијалот во 2014 година не беше така. На мечевите од групите на кои имав типувано дека ќе завршат без победник, немаше ниту еден нерешен резултат, а чекав повеќе од 20 натпревари. Тогаш си реков веќе нема да се обложувам“, раскажува човекот кој постојано е во друштво на прекрасни девојки и жени.

Неодамна, Црнокрак во Улцињ, во Црна Гора доби големо признание, награда за особен придонес во развојот на Мис Глоуб во последните 23 години. Црнокрак ја има лиценцата за ова натпреварување на убавина, па Македонија преку моделите на ова модно студио постојано е дел на овој важен настан. Кристина Димитријевска од Тетово беше прогласена за Мис фотогеничност во конкуренција на 50 девојки, што исто така е значителен успех.

АКО ТИКЕТОТ БИДЕ ДОБИТЕН, ПАРИТЕ ЌЕ ГИ ДОНИРА ВО КОЧАНИ

Мики Црнокрак веќе има план и каде ќе ги донира парите доколку хуманитарниот тикет биде добитен. Тој сака да ѝ помогне на една девојка од Кочани, која треба да оди на операција во странство. Следниот месец ќе се одржи и концерт за помош на девојката, па Мики најави дека доколку ги погоди сите пет прогнози, парите од тикетот во Sport Life ќе ги донира во Кочани.

- Оглас -

Најнови вести