Со головите на Езџан Алиоски од пенал во 13-тата минута и на Горан Пандев во 59-тата минута, Македонија забележа исклучително важна победа во Лигата на нациите против Ерменија, првиот конкурент за првото место во нашата група.
Особено радува што до триумф дојдовме со одлична игра, неочекувано лесно, а избраниците на Игор Ангеловски покажаа дека имаат квалитет и за повисоки дострели.
Почетокот беше како што посакувавме, а капитенот Пандев во 12-тата минута изнуди пенал. Единствениот интернационалец од Англија, Езџан Алиоски, ја презеде одговорноста и го надмудри голманот на Ерменија за предност од 1-0.
Македонија продолжи да атакува, да игра атрактивно, но не успеавме до полувремето да ја зголемиме предноста.
И повторно на сцена стапи тандемот Алиоски – Пандев и во нивна продукција беше и вториот погодок за домаќините. Алиоски ја измеша одбраната на Ерменија, одлично со ниска топка го проигра Пандев, а капитенот во негов стил, мајсторски ја погоди мрежата на Аирепетјан во 59-тата минута.
Ерменците се заканија и ја погодија рамката од голот, но и Македонија имаше шанси за нов погодок.
Алиоски, Барди и Николов се обидоа, но не погодија, па до крајот успеавме да ја задржиме предноста и повторно да славиме со 2-0.
Во премиерниот меч, пред три дена, со идентичен резултат триумфиравме против Гибралтар и со две победи од по 2-0 го чуваме врвот на табелата во четвртата група од Сегментот Д.
И што е најважно ја сочувавме серијата без пораз, сега долга веќе девет натпревари. Шпанците нè победија последни во јуни, лани, што е долга серија од над една година без пораз.
Следниот меч во Лигата на нации ќе го играме против Лихтенштајн, како домаќини на 13-ти октомври.