Македонскиот зет ги кажал магичните зборови за „лудата“ мотивација на Хрватите пред полуфиналето

Хрватската ракометна репрезентација ќе игра во финалето на Светското првенство откако во фантастичен меч ја победи Франција со 31:28 во „Арената“ во Загреб. Противник на Коцкестите ќе им биде подобриот од денешното второ полуфинале, во кое ќе играат Данска и Португалија.

Хрватска одигра фантастично прво полувреме против Франција, па во еден момент водеше со неверојатни 18:9. До крајот на мечот, Коцкестите ја задржаа предноста и на крајот се радуваат. По завршување на полуфиналето, голманот Доминик Кузмановиќ откри дека главна мотивација за фантастичниот старт против Франција било тоа што се случувало пред мечот, односно во автобусот додека патувале кон салата.

Кузмановиќ откри дека искусниот Игор Карачиќ ги кажал „магичните зборови“.

„Мислам дека не сме свесни дека сме во финале. Уживаме во прекрасната атмосфера заедно со навивачите и со нашите семејства. Го сонувавме финалето и сега го остваривме нашиот сон. Презадоволен сум. Морам да откријам една работа, луѓето во Карловац ни дадоа поддршка, а Карачиќ во автобусот рече: ‘луѓе мои, па ова денеска не можеме да го загубиме’. Оттаму започна тоа што се случуваше на теренот“, вели Доминик Кузмановиќ, кој потоа додаде дека со нетрпение го чекаат финалето.

„Луѓето ни предизвикаа лавина емоции. Едвај чекавме да почне мечот. Имавме и девет разлика, сите се бореа за секоја топка. Ја задржавме контолата. Ги имаме најдобрите играчи во светот. Сега имаме само уште еден меч и сакаме да го одработиме како досега. Сеедно е против кого ќе играме во финалето“, додаде Кузмановиќ.

Интересно е дека искусниот 36-годишен Карачиќ воопшто не беше во составот на Хрватска кога започна Мундијалот. Тој беше дополнително повикан откако во второто коло се повреди Домагој Дувљак.

Карачиќ е еден од милениците на македонската публика, посебно на фановите на Вардар затоа што Хрватот беше дел од двете европски титули кои Црвено-црните ги освоија во Лигата на шампионите во 2017 и 2019 година. Карачиќ со Македонија е поврзан и по тоа што се ожени со Македонка.

Токму по победата над Франција, хрватскиот ракометар прослави со својата сакана, Душица.

- Оглас -

Најнови вести