Навивачите на македонската ракометна репрезентација од повеќе страни на нашата земја пристигнуваат во Дебрецин, поддршката на дуелот со Словенија ќе биде солидна, а постоеше опасност голем дел од нив воопшто да не бидат присутни во салата на почетокот во 18 часот.
Огромниот метеж на српско-унгарската граница и стоењето во место со часови ги исплаши фановите кои со неколку автобуси, како и со автомобили се упатуваа кон Дебрецин дека можеби и нема да стигнат навреме.
Колоните со коли и автобуси многу малку или воопшто не се поместуваа неколку часа во раните утрински часови, кога конечно стигна „наредба“ дека автобусите со македонски навивачи треба да имаат приоритет и одеднаш тие се најдоа на „пол-позиција“ пред другите, кои исто така нетрпеливо чекаа да влезат во Унгарија.
Почнаа шегите од типот дека експремиерот Никола Груевски фатил врски за навивачите да бидат пуштени преку ред, а Унгарците побараа и доказ дека во автобусите се фанови, па автобусите требаше да бидат накитени со шалови, знамиња и секакви други реквизити.
Царинските формалности минаа непречено, сите навивачи продолжија со патот и веќе се пристигнати, па ракометарите може да сметаат на ветер во грб од трибините. Денеска пристигна многу навивачи и заморени се од долгото патување од 15 и повеќе часови, но ветуваат дека нема да ги штедат грлата и дланките.