Малдини: Трофеите се поважни од градско дерби

Легендарниот дефанзивец на Милан, Паоло Малдини, сега во улога на технички директор на Росонерите, го очекува големото градско дерби против Интер. Малдини има над 50 настапи во мечевите против вечниот ривал, но вели дека тоа е еден меч и дека не е најважното нешто во сезоната.

„Дербито секогаш е интересно и возбудливо, но треба да се потенцира дека тој меч не е поважен од тоа на крајот од сезоната да освоиш некој трофеј. Во некои градови, локалните дерби-дуели се најважни, но тоа се клубови кои немаат постигнато големи успеси. Затоа, за нив најважно е да се победи градскиот ривал“, вели Малдини.

Како фудбалер, Малдини ги има освоено сите најважни трофеи, а посебно ќе памти два дуели со градскиот ривал.

„Имам одиграно повеќе од 50 меча против Интер и секој дуел е посебен и различен. Сепак, најмногу ги памтам двата меча во полуфиналето од Лигата на шампионите. За шест дена одигравме два меча и се изборивме за пласман во финалето, а потоа го освоивме и трофејот во Лигата на шампионите“, се присетува Малдини, кој сега како директор има за задача да го врати клубот на славните патеки од времето кога тој беше на теренот.

 

- Оглас -

Најнови вести