Тренерот на клубот Ал Аин, Зоран Мамиќ, во пресрет на утрешниот дуел на неговиот тим против Реал Мадрид во финалето на Светското клупско првенство, изјави дека тоа ќе биде како трка на Мерцедес и Смарт, но се надева на сензација. Според хрватскиот стручњак, иако Реал не е во идеална форма во овој период, сепак е најдобриот тим на светот.
„Убаво е да се биде финалист, ќе ја претставуваме државата ОАЕ. Реал Мадрид е најдобар тим на светот, и не можеме да се споредуваме со нив. Ќе треба да одиграме најдобро што знаеме, а и тоа може да не ни биде доволно. Заморени сме, ќе ни биде шести меч за 18 дена, но барем да му ја отежниме работата на Реал. Во нивниот тим секој играч може да го реши мечот, опасноста доаѓа од сите страни. Иако не се во идеална форма, за мене, Реал е најдобриот тим на светот“ – рече Мамиќ.
Во составот на Реал утре ќе го нема Марко Асенсио, на кого му претстои пауза од три недели, но тој е резерва, и не е клучен играч кај Сантијаго Солари. Мамиќ мисли дека ќе треба да имаат среќа, голманот да брани многу добро, и да постигнат случаен гол, ако сакаат да извлечат позитивен резултат.
„Треба да веруваме во чудо. Во спортот нема невозможни работи. Ако Реал биде подобар, ќе им честитаме, но и ние ја сонуваме победата. Мора да се знае дека разликата помеѓу тимовите е како помеѓу Мерцедес и Смарт, но некогаш и Смартот може да победи“ – додаде Мамиќ.