Антонио Валенсија би можело во јули да си замине од Манчестер јунајтед како слободен играч, но клубот од „Олд Трафорд“ може да го спречи тоа ако во текот на март му понуди нов договор на својот искусен фудбалер.
Валенсија сезонава се мачи со повреди и сега е повреден и нема да игра до крајот на март, настапи само на пет меча во Премиерлигата, па прашање е дали Јунајтед ќе сака да го задржи во своите редови или ќе му дозволи да си замине.
Според некои шпекулации, договорот на 33-годишниот Валенсија е таков што до први март, а тоа е утре, треба да добие нов договор. Ако не добие, десниот бек има право да почне преговори со други клубови во кои би дошол како слободен. Интерес за него има од Интер.
Одлуката е во рацете на Оле Гунар Солскјер, кој треба да реши дали му треба Еквадорецот, кој под негово водство играше еднаш (на втори јануари), кога се повреди. Во отсуство на Валенсија, капитенската лента ја носи Ешли Јанг.