Мајкл Карик најверојатно ќе биде назначен за привремен менаџер на Манчестер јунајтед најдоцна до утре. До синоќа се сметаше дека Оле Гунар Солскјер е голем фаворит за позицијата, при што раководството на Црвените ѓаволи водеше разговори со двата кандидати. Сепак, ситуацијата се променила.
Според британските медиуми, Карик имал многу позитивна комуникација со претставниците на „Инеос“ и со раководството на Манчестер јунајтед и се верува дека тој ќе биде назначен за привремен стратег.
Голем напредок во разговорите бил забележан во последните 12 часа. Солскјер сè уште чека на одлуката на клубот.
Поранешниот фудбалер за врска, кој сега има 44 години, привремено ја водеше екипата на Јунајтед меѓу ноември и декември 2021 година, кога го наследи токму Солскјер. По ова, три години беше на чело на Мидлсборо.
Според некои извори, спортскиот директор Џејсон Вилкокс, кој ги водеше разговорите со двата кандидати, инсистира на назначувањето на Карик.

