Сензационален глас се прошири во англиските медиуми, според кој Манчестер јунајтед повторно се продава. Слухот потекна од објавата на влијателниот боксерски промотор Турки Ал-Шеик на социјалните мрежи.
Според неговите зборови, Црвените ѓаволи се во „напредна фаза на финализирање на договор“ за продажба на клубот на нови инвеститори.
„Најдобрата вест што ја слушнав денес е дека Манчестер јунајтед е веќе во напредна фаза на финализирање на договор за продажба на нов инвеститор – се надевам дека ќе биде подобар од претходните сопственици“, напиша Ал-Шеик на социјалната мрежа „икс“.
Неговата изјава се толкува како можна критика кон сегашните сопственици, семејството Глејзер и сер Џим Ретклиф, но засега нема никакви официјални реакции од „Олд Трафорд“ што би ја потврдиле информацијата.
Во најголем дел од 2023 година, Манчестер јунајтед беше во центарот на процес за промена на сопственоста, кој заврши кога сер Џим Ретклиф и неговата група „ИНЕОС“ стекнаа 25% удел во клубот и ја презедоа контролата врз фудбалските операции.
Претходно процесот го вклучуваше и шеикот Јасим бин Хамад Ал Тани од Катар, кој на крајот се повлече од преговорите откако стана јасно дека нема да се постигне договор со семејството Глејзер за целосно преземање. Подоцна Ретклиф дури изрази сомнеж во постоењето на шеикот Џасим, изјавувајќи:
„Всушност, никој никогаш не го видел. Глејзер никогаш не се сретнал со него… Не сум сигурен дека тој навистина постои!“