Англискиот гигант Манчестер јунајтед и оваа сезона ќе ја заврши без освојување на ниту еден трофеј. Црвените ѓаволи веќе се елиминирани од Лига купот, ФА купот, а во Премиер лигата се далеку од екипите кои се борат за титулата. Тимот сезонава не игра во европските купови, што значи дека едноставно уште во јануари е јасно дека сезоната нема да има трофеј во клупските витрини.
Последниот шампиони трофеј во првенството Манчестер јунајтед го освои пред 13 години, во последната сезона на Сер Алекс Фергусон како тренер. Во овој период од 13 години, Манчестер потроши над две милијарди евра на трансфери, а смени дури 11 тренери, што е неверојатно ако се знае дека во претходните 121 година имало само 17 тренери кои го воделе клубот.
Од заминувањето на Фергусон, Манчестер освои само два трофеи во ФА купот, два во Лига купот и еден во Лигата на Европа.
По поразот на „Олд Трафорд“ од Брајтон и елиминацијата од ФА купот, стана јасно дека Манчестер јунајтед сезонава ќе одигра само 40 натпревари цела сезона. Тоа е најмала бројка на мечеви во една сезона во последните 111 години.
Пред повеќе од еден век, односно во 1915 година, Манчестер јунајтед во една сезона одиграл само 38 натпревари, а потоа 111 години немало сезона во која не играле 41+ средби, сè до оваа сезона.

